Дома

КОНЦЕПТ

Меѓународниот филмски фестивал „КинеНова Филм Фест Скопје“ е осмислен и создаден за да даде фокус на творештвото на филмските автори од целиот свет, кои се на самиот почеток од своите филмски кариери.

Неговата цел е да открие нови авторски имиња кои надоаѓаат во светот на филмот и да им даде јасна поддршка и поттик, но и простор каде тие ќе ги претставуваат и афирмираат нивните филмски дебитантски дела, особено на оние кои преку ангажиран однос кон темите и авторскиот пристап ќе можат да понудат и една нова, понапредна визија за светот во кој живееме.

Авторите на избраните филмови за официјалната програма ќе бидат поканети да бидат дел од фестивалот како би ја претставиле идејата за своите филмови, филмските приказни и причината за личната ангажираност во истите, и со тоа фестивалот и градот Скопје ќе бидат простор каде новите филмски автори ќе се среќаваат и од каде ќе ја трасираат својата филмска патека.

Покрај главната програмска оска на фестивалот, ќе има многу дополнителни програми и содржини кои ќе го збогатат фестивалскиот живот и ќе овозможат на филмските создавачи да го надградат своето филмско знаење и искуство преку учество на панел дискусии, трибини, мастеркласи, работилници.

ЦЕЛИ НА ФЕСТИВАЛОТ

  • ● Да го афирмира и поддржи филмското творештво во Македонија
  • ● Да ја поврзе македонската кинематографија со другите светски кинематографии и да воспостави контакти и силни врски, особено со оние сличните, помали кои тешко го пробиваат патот на големите светски пазари и фестивали и така да овозможи вмрежување на истите.
  • ● Да им овозможи на новите филмски автори да ги претстават и промовираат своите дебитантски дела пред широка публика и стручна јавност
  • ● Да се откриваат нови филмски автори преку овозможување на простор каде тие ќе ги претставуваат и развиваат своите проекти заедно со скрипт доктори и продуценти.
  • ● Да ги поддржи регионалните и Европски кинематографии и да ги охрабри за уште поголема поддршка на авторите кои штотуку почнуваат да ја трасираат својата патека во филмската индустрија.
  • ● Фестивалот особено ќе ги поддржува оние автори кои имаат храбар и ангажиран однос во пристапот и во изборот на темата, и кои актуелизираат прашања кои се под површината на секојдневието.