Дома

ФЕСТИВАЛСКИ ПРАВИЛНИК НА МЕЃУНАРОДЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ КинеНова Скопје 2017

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

„КинеНова“ е меѓународен филмски фестивал кој се одржува секоја година во Скопје, Македонија. Целосниот назив на фестивалот е: “Меѓународен филмски фестивал Киненова Скопје” ( КинеНова Скопје Филм Фест ) Меѓународното комплетно име на фестивалот е: “KineNova International film festival Skopje”. Скратеното меѓународно име на фестивалот е ( KineNova Skopje Film Fest ) Второто издание на фестивалот ќе се одржи од 11-ти до 15-ти октомври, 2017 – та година.

Член 2

Фестивалот е основан со цел да биде поддршка на младите и новите филмски автори и да обезбеди дополнителен простор за нив, со што ќе го направи Скопје место каде тие ќе ги претставуваат своите идеи и приказни пред публиката. Заради тоа главната програма на фестивалот (Официјална селекција) ќе биде посветена на дебитантските филмски дела, прв и втор долгометражен филм на новите филмски автори од целиот свет.

ПРОГРАМА

Член 3

Натпреварувачки програми: -Главната програма ( Официјална селекција ) на фестивалот ќе биде секогаш составена од филмови од цел свет кои се прв или втор долгометражен филм на режисерот.
-Втора натпреварувачка програма ќе биде програмата Официјална селекција на кратки филмови
-Трета натпреварувачка програма е програмата Македонски кратки

Член 4

Дополнителни ревијални програми на фестивалот се:
-„Панорама на светски филм “
-„Кино Балкан“
-„Посветено“
-„Фокус на“
-„Децата и киното“

УСЛОВИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Член 5

Филмовите кои ги исполнуваат следниве услови имаат право да учествуваат во главната програма на фестивалот:

- Да е прв или втор филм на режисерот;
- Да не се поминати 24 месеци од денот на излегување на филмот од продукција до почетокот на Фестивалот;
- Должината на филмот да изнесува над 70 минути;
- Филмот не смее да има ТВ или интернет прикажување до денот на завршувањето на фестивалот;

Филмовите кои ги исполнуваат следниве услови имаат право да учествуваат во програмата официјална селекција на краткометражни филмови:

- Филмот да не е подолг од 30 минути;
- Да не се поминати повеќе од 24 месеци од денот кога филмот е прв пат излезен од продукција до денот на фестивалот;
- Филмот не смее да има ТВ или интернет прикажување до денот на завршувањето на фестивалот;

Член 6

Филмовите кои ги исполнуваат следните услови имаат право на учество во останатите програмски целини, надвор од главната програма:

- Филмот не смее да има ТВ или интернет прикажување до денот на завршувањето на фестивалот;
- Должината на филмот да изнесува над 70 минути
- Предност при изборот на филмови ќе имаат регионални премиери

ЖИРИ НА ФЕСТИВАЛОТ

Член 7

Жирито на фестивалот е меѓународно и е составено од 3 - 7 значајни и истакнати личности од филмската индустрија. За програмата краткометражни филмови ќе одлучува засебно меѓународно жири составено до 3 – 5 истакнати личноти од филмската индустрија. Не е дозволено во жирито да има повеќе од еден член со потекло од една иста земја. Одлуките на жирито се донесуваат со отворено гласање – одлучува мнозинството.

НАГРАДИ

Член 8

Официјални награди на фестивалот кои стручното жири треба да ги додели:

- Награда за најдобар долгометражен филм;
- Награда за најдобра режија;
- Награда за најдобро сценарио;

Награда која ја доделува публиката:

- Награда за најдобар филм според публиката на фестивалот од Главната програма ;

Стручното жири за кратки филмови доделува:

- Награда за најдобар краткометражен филм на фестивалот и
- Награда за најдобар македонски филм од програмата Македонски кратки
Жирито има право да додели специјална награда на жирито и во трите натпреварувачки категории.

Наградите за новото фестивалско издание во 2017 та година ќе вклучуваат и парични награди и тоа во следниве категории:

- 3 000 евра за Најдобриот игран филм на Киненова Скопје 2017
- 1 000 евра за Најдобриот краток игран филм на Киненова Скопје 2017 и
- 500 евра за Нјдобриот македонски игран филм

НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ФИЛМОВИ:

Член 9

Пријавите за натпреварувачките, како и за останатите програми можат да бидат поднесени од страна на, режисерите, продуцентите, националните филмски институции или било кое друго авторизирано или овластено лице, назначено да ги претставува филмовите. За да се поднесе пријава на фестивалот потребно е да се пополни апликација со имињата на сите главни придонесувачи за филмот, краток синопсис, долг синопис, технички податоци, биографија и филмографија на режисерот како и изјава дека филмот е негов/нејзин прв или втор долгометражен филм. Некомплетно пополнети пријави нема да се прифаќаат како валидни.

Член 10

Со пополнување на пријавата за учество на филм на фестивалот подносителите ги прифаќаат сите правила на фестивалот и гарантираат за внесените податоци.

Член 11

Крајниот рок за поднесување на пријавите за филмовите во сите категории е 20 – ти август 2017 година.

Член 12

Поднесувањето на пријава за учество на фестивалот се наплатува согласно ранкингот кој ќе биде објавен на соодветните меѓународни филмски платформи за пријавување на учество на меѓународените фестивали.

Член 13

За пријавување на филмовите ќе се прифаќаат УРЛ линкови заштитени со лозинка или ДВД формат кој треба да биде испратен на следната адреса. Сите УРЛ линкови мора да бидат активни до 20.10.2017 година. Филмот мора да биде достапен за симнување на истиот линк. Испратените ДВД – ја мора да ја содржат последната верзија од филмот, со оригиналниот јазик на кој е снимен и иститлуван на англиски ако оригиналниот јазик на филмот не е англиски.

Член 14

Фестивалот го задржува правото да ги зачува ДВД копиите од филмовите кои ќе бидат прикажани во која било програма од фестивалот или дополнително да направи свои дигитални копии, кои може да ги користи како дел од својата филмска архива.

Член 15

Доколку се добие одобрение за дигитални копии, истите можат да бидат прикажани на некомерцијални, бесплатни настани, но само со претходно пишано одобрение од филмските продуценти или целосно авторизирани претставници.

ИЗБОР НА ФИЛМОВИ ЗА ПРОГРАМИТЕ НА ФЕСТИВАЛОТ И ПРИКАЖУВАЊЕ

Член 16

Откако одбирањето на филмови од страна на програмските селектори за секоја категорија одделно ќе заврши, фестивалот по електронска пошта ќе ги извести продуцентите или овластените претставници на филмовите кои се одбрани. Објавувањето на конечната одлука за одбраните филмови од програмските селектори за секоја програмска секција одделно ќе биде најдоцна 30 дена пред почетокот на фестивалот. Фестивалот нема обврска да ги извести продуцентите на филмовите кои не се одбрани да бидат прикажани во некоја од програмите на фестивалот.

Член 17

Фестивалот нема обврска да плати надоместок за прикажување на одбраните филмови од која било фестивалска програма. Секој одбран филм за која било програма на фестивалот може да биде прикажан еднаш премиерно и да има најмногу две репризи во текот на фестивалот. За време на одржувањето на фестивалот, не е дозволено филмовите избрани од фестивалот да бидат прикажани на други јавни места во Македонија.

ДОСТАВА И ВРАЌАЊЕ НА ФИЛМСКИТЕ КОПИИ ЗА ПРИКАЖУВАЊЕ

Член 18

Копии за прикажување во ХД или Ди Си Пи формат од филмовите кои се одбрани за било која фестивалска програма мора да бидат достапни на фестивалот најдоцна до 25 – ти септември 2017 година. Покрај филмската копија за филмовите кои се одбрани за било која програмка секција задолжително е да се испратат и следниве материјали: дијалог листа на англиски јазик, 3 фотографии од филмот и фотографија од режисерот. Предност е да се ипратат: трејлер, постер и дополнителни рекламниматеријали за филмот.

Член 19

Фестивалот го задржува правото да не ги прифати технички неисправните и копии со слаб квалитет кои можат да го отежнат прикажувањето на филмовите.

Член 20

Транспортните трошоци за испраќањето на копиите за прикажување на одбраните филмови во сите програми на фестивалот до Македонија ги сноси подносителот/ите на филмот за учество на фестивалот. Фестивалот ја превзема одговорноста да ги врати копиите на филмовите во рок од 4 недели по завршувањето на фестивалот до адресата одредена од подносителот на свој трошок. Во случај на оштетување на филмската копија од приемот во фестивалскиот центар до моментот на испорака фестивалот ја превзема одговорноста да ја надомести штетата или да направи нова копија.

Член 21

Фестивалот ја превзема одговорноста за заштита и осигурување на филмската копија за прикажување од моментот на влегување на копијата во фестивалскиот центар. Во случај на оштетување на филмската копија при транспорт на истата фестивалот нема обврска да ја надомести настанатата штета.

Член 22

Фестивалот формира тричлена комисија составена од стручни лица за проценка на техничката исправност на филмските копии и нивниот форматиран носач ( хард диск, УСБ ) при прием и пред повратно ипраќање на подносителот.

СМЕСТУВАЊЕ И АКРЕДИТАЦИЈА

Член 23

Фестивалот ќе ги покани режисерите или сценаристите на филмовите од главната натпреварувачка програма да учествуваат на истиот. За нив фестивалот ja превзема обврската да обезбеди акредитации, сместување и патни трошоци.

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 24

Советот на фестивалот одлучува за сите прашања кои не се опфатени со овој правилник, а се во огласност со статутот на организаторот. Во случај на спор надлежен е Основен суд Скопје во однос на сите прашања поврзани со фестивалот.